Соопштение за јавност
Почитувани,
Ве известуваме дека на ден 15.12.2010 година Друштвото за управување со инвестициони фондови КБ Публикум инвест АД Скопје ја започна постапката пред Комисијата за хартии од вредност на Р. Македонија за основање на два нови отворени инвестициски фондови:
- КБ Публикум – Паричен
- КБ Публикум – Обврзници
Со овие два фонда, се зголемува и проширува понудата со нов вид на фондови кои досега не беа присутни на македонскиот пазар. На овој начин, КБ Публикум инвест АД Скопје има за цел да обезбеди нови можности за вложување наменети за поконзервативните инвеститори (правни и физички лица), кои имаат ниска толеранција кон ризикот и пазарните осцилации.
Според предложениот Проспект, КБ Публикум – Паричен средствата на инвеститорите ќе ги вложува во депозити на банки, инструменти на пазарот на пари, и краткорочни должнички хартии од вредност од најбонитетни издавачи. Порастот на вредноста на имотот на ваквите фондови се очекува да биде побавен, но континуиран, а истите најчесто се користат како алтернативен начин за краткорочен пласман на вишокот на средства (управување со дневна ликвидност). Имајќи ја во предвид структурата (во поглед на приносот и ликвидноста на инструментите), на потенцијалните инвеститори им се нуди "хибриден депозит по видување" со поконкуренти стапки од алтернативните облици кои стојат на располагање на македонскиот финансиски пазар.
Врз основа на предложениот Проспект, основни инструменти во кои ќе се инвестираат средствата на инвеститорите вложени во КБ Публикум – Обврзници се инструменти на пазарот на пари, краткорочни должнички хартии од вредност од најбонитетни издавачи, државни и корпоративни обврзници и банкарските депозити. Целта на овој алтернативен облик на штедење е заштита на вложувањето од пазарните осцилации и валутните ризици, и обезбедување висока ликвидност придружена со постојан раст на вредноста на уделот.
Друштво за управување со инвестициони фондови
КБ ПУБЛИКУМ ИНВЕСТ АД СКОПЈЕ
|