Отпочнување на јавен повик (нови фондови)
Друштвото за управување со инвестициони фондови КБ Публикум инвест АД Скопје, на 19.3.2011 година го објави јавниот повик за купување на удели во отворениот инвестициски фонд:
- КБ Публикум – Обврзници
- КБ Публикум – Паричен
Јавниот повик трае два (2) месеци, додека прибирањето на уплати започнува од 21.03.2011 година. Јавниот повик може да заврши и пред истекот на горенаведениот рок во услови кога се прибрани средства во минимален износ од 300.000,00 евра во денарска противредност, по среден курс на Народна Банка на Република Македонија.
Подобро од девизно штедење КБ Публикум – Обврзници е наменет за индивидуални и институционални инвеститори што сакаат средствата да ги вложат во инструменти со фиксен доход. Овој фонд дава можност за остварување повисока стапка на принос во однос на депозитите деноминирани во странска валута, инвестирајќи ги средствата во државни и корпоративни обврзници деноминирани во странски валути. Кај овој тип фонд, порастот на вредноста на имотот по правило е побавен, но континуиран, а осцилациите на вредноста на уделот најчесто се многу ниски. Една од најзначајните предности е ликвидноста на вложените средства, односно можноста во секој момент да се повлечат вложените пари без притоа да се изгуби остварениот принос, што е вообичаено за депозитите кога се повлекуваат пред рокот на доспевање. Фондот е одлична алтернатива на инвеститорите за заштита од девизниот ризик. Фондот им обезбедува лесен и едноставен пристап до меѓународните пазари на инструменти со фиксен доход и на тој начин ги надминува законските ограничувања за вложувања во странство, како и ограничувањата во однос на минималната сума потребна за инвестирање.
Подобро од чување пари на трансакциска сметка КБ Публикум – Паричен е наменет за сите инвеститори што имаат привремен вишок средства и период на инвестирање подолг од 3 дена. Фондот нуди можност за остварување повисока стапка на принос во однос на депозитите по видување, инвестирајќи ги средствата во краткорочни и долгорочни должнички хартии од вредност и најбонитетните банки во Република Македонија. Фондот ги ослободува своите инвеститори од постојаната потрага по најдобри услови за вложување на средствата на краток рок и на тој начин им овозможува поекономично и поуспешно управување со финансиските ресурси. Основна цел на фондот е да ја засили преговарачката моќ на вложувачите во однос на другите финансиски институции и на тој начин да обезбеди максимален принос на нивните пари. Ризиците кај овој фонд се сведуваат на минимум бидејќи најголем дел од имотот на фондот ќе се вложува во банки во Република Македонија и во краткорочни државни хартии од вредност. Имајќи ги предвид структурата на имотот, приносот, и ликвидноста, на инвеститорите им се нуди поконкурентен "хибриден депозит по видување".
Друштво за управување со инвестициони фондови
КБ ПУБЛИКУМ ИНВЕСТ АД СКОПЈЕ
|