КБ Публикум - Новости

ЈАВЕН ПОВИК ЗА ЗАПИШУВАЊЕ УДЕЛИ ВО КБ ПУБЛИКУМ - МБИ 10

Друштвото за управување со инвестициски фондови КБ Публикум инвест АД Скопје, на 22.3.2017 година го објави јавниот повик за купување на удели во отворениот инвестициски фонд:

  • КБ ПУБЛИКУМ - МБИ 10

Јавниот повик трае два (2) месеци, додека прибирањето на уплати започнува од 22.03.2017 година. Јавниот повик може да заврши и пред истекот на горенаведениот рок во услови кога се прибрани средства во минимален износ од 300.000,00 евра во денарска противредност, по среден курс на Народна Банка на Република Македонија.

ОПШТИ ПОДАТОЦИ ЗА ФОНДОТ

Проспектот е јавен повик за купување удели во отворениот инвестициски фонд КБ Публикум – МБИ 10 (во понатамошниот текст: Фонд), а истиот е одобрени со Решение од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија број УП1 08-37, датум 28.02.2017 година. Законска рамка за работењето на Фондот е Законот за инвестициски фондови (Службен весник на РМ бр.12/2009;67/2010; 24/2011; 188/2013 и 145/2015, во натамошниот текст: Законот), како и подзаконските акти на КХВ. Фондот е основан на неопределено време.

Отворениот инвестициски фонд КБ Публикум МБИ 10 има за цел реплицирање на македонскиот берзански индекс МБИ 10. Тоа значи дека најголемо учество во имотот на фондот ќе имаат сопственичките хартии од вредност на домашните издавачи, односно ќе доминира изложеноста кон домашниот пазар на капитал. За постигнување на целта фондот ќе користи пасивна стратегија на вложување додека МБИ 10 ќе се користи како репер за споредба на приносот од вложувањата во фондот. Македонскиот берзански индекс МБИ10 претставува ценовен индекс пондериран со пазарната капитализација која се наоѓа во слободниот промет неприлагоден за дивидендните исплати, со ограничување дека на денот на ревизија учеството на ниту една акција во составот на индексот не смее да надмине 20%. Во својот состав ги вклучува десете најликвидни акции и истиот представува соодветен агрегатен показател за квантифицирање на берзанските движења во Македонија. Комисијата за берзански индекс два пати во годината (редовна ревизија) или во случај на вонредни околности (вонредна ревизија) врши усогласување на структурата на индексот, додека изборот на котираните друштва се врши врз основа на неколку параметри и тоа: износот на пазарната капитализација која се наоѓа во слободниот промет, просечниот дневен промет во последните 6 месеци пред ревизијата и бројот на денови на тргување со акциите на котираното друштво споредено со вкупниот број на трговски денови за изминатиот период.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ

Во Проспектот на фондот КБ Публикум МБИ 10 се изнесени сите клучни информации кои им се потребни на потенцијалните инвеститори за донесување одлука за вложување. Пред донесувањето на одлуката за вложување секој потенцијален инвеститор е должен да ги прочита одредбите од Проспектот и Статутот на фондот со цел да дознае за каков вид вложувања станува збор, како и за ризиците поврзани со нив. Сите информации за Друштвото и за фондот, инвестиционата политика и начинот на инвестирање на средствата, годишни, полугодишни и квартални финансиски извештаи за работењето на фондот, дневна нето-вредност на имотот на фондот и вредноста на уделот, цената на издавање и откуп на удели, прекин на откуп и исплата на удели, измени на Статутот и овој Проспект на Фондот, како и сите други релевантни информации се достапни во седиштето на Друштвото (Св. Кирил и Методиј бр. 50, Скопје) или на неговата интернет-страница (www.kbpublikum.com.mk). Исто така, сите информации кои Друштвото ги објавува во електронските и во печатените медиуми, се објавуваат и на неговата интернет-страница.

Друштво за управување со инвестициски фондови
КБ ПУБЛИКУМ ИНВЕСТ АД СКОПЈЕ